Дека двата аршина од претставниците на меѓународната заедница, не се употребуваат само во Брисел, туку и овде кај нас во Македонија, говори следниот пример: Фуере најбезобразно (а и други!) се дрзна да го искритикува оној несреќникот, Златко Јанковски, портпарол на СЕП, за изнесените приватни ставови. Добро, „се слагам“, во право се луѓето. Но, кога сакаат да спроведуваат стандарди, нека ги спроведат. Дотичниот во случајов, на кој сакам да се осврнам, не работи во институцијата на ЕУ кај Фуере, но е службеник (политички советник) во странско дипломатско претставништво на држава членка на ЕУ. Аналогно на претходниот случај тогаш и Фуере би требало ЈАВНО да го искара човеков, кому ова не му е прв излет. И на крајот на краиштата, не знаеме дали тој ги изнесува СТАВОВИТЕ НА ДРЖАВАТА ЗА ЧИЕ ДИПЛОМАТСКО ПРЕТСТАВНИШТВО РАБОТИ?!
Така, господинот Артан Груби, претседател на невладината организација со јасни политички амбиции „Разбуди се!“ (Zgjohu!), според некои аналитичари блиска до ДУИ и Али Ахмети, и близок на Албин Курти од косовската невладина VETËVENDOSJE, со исто такви политички амбиции беше излезен на протестите во саботата на 6 февруари, учествуваше во рушењето на градежните прегради и испишуваше пораки на нив што се гледа од телевизиската снимка на А1 телевизија. Веднаш потоа даваше изјава за истата телевизија во која ја напаѓа Владата и која нема да ја цитирам, туку ќе ви оставам вам да ја слушнете изворно и да процените каков карактер има.
Да не остане на тоа, човекот преку својата невладина, со еден саркастичен тон, вчера преку медиумите побара да се постават и споменици на Албанци на Плоштадот. Немаше да пречи неговата идеја доколку беше искрена. Имено, истиот тој, минатата година на 17.01.2009 по повод годишнината од смртта на Скендербег одржана кај неговиот споменик во Скопје, во својство на организатор на прашањето „зошто нема Македонци на одбележувањето на годишнината“ изјави дека Македонците биле зафатени со трагањето по сопствениот идентитет и затоа немало потреба да бидат поканети (парафразирано). Оваа изјава одеше на Сител ТВ.

Сител, изјавата на Артан Груби како организатор
Зошто имам чувство дека кај некои претставници на странски држави во Македонија постои отворена симпатија (па можеби и поддршка) на одредени луѓе и структури во државава, а кон некои не. Напротив понекогаш сме сведоци на отворено непријателство и дури отворена политичка поддршка на активисти, политички и „невладини“ кога ја напаѓаат Владата. Дали и во нивните земји претставниците на другите држави нештедро им се мешаат во домашните работи и сакаат да кажуваат што да се прави?
Сепак, ние и како луѓе и како народ, и како држава, како што нè доликува треба да им го пружиме нашето најголемо гостопримство, но и тие како гости мора да еднаш да сфатат и да почнат пристојно и со почит да се однесуваат и кон Македонците и државата, а и Владата (не мислам само на оваа Влада на ВМРО-ДМПНЕ, туку и на секоја друга) која е избрана на регуларни, демократски избори!
А, ако не, важи поговорката: на секој гостин три дена му е доста!